Според податоците од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, вкупното земјоделско земјиште во земјата изнесува 225.000 хектари. Околу 80 отсто од култивираната површина е во сопственост на приватни земјоделци, а останатите 20 отсто се во сопственост на државата. Повеќето земјоделски стопанства имаат мешано производство и површина помала од 1 хектар (само 10 отсто имаат површина од над 3 хектари). Постои преголема фрагментација на земјиштето во однос на сопственоста, но и во однос на користење на земјиштето. Просечната големина на едно семејно земјоделско стопанство од 1,85 хектари е поделена на голем број парцели, обично од 5 до 7 по стопанство.
Користењето на вода за наводнување, потребна за земјоделството, изнесува 46 отсто, што е пониско од просекот во јужна Европа, каде наводнувањето претставува поголем дел од вкупната употреба на вода (од 52 отсто во Португалија до 83 отсто во Грција). Ова покажува дека повеќе вода може да се искористи за наводнување. Потенцијалот за наводнување изнесува 164.000 хектари, но само 126.600 хектари се опремени за наводнување (приближно 30 отсто од вкупното обработливо земјиште).
Ниското ниво на употреба на системите за наводнување се должи на распаднатата инфраструктура за наводнување, која во некои екстремни случаи е целосно уништена. Исто така, наводнувањето за земјоделство се соочува со неколку други предизвици: урбанизација на наводнуваните области, изобилство земјоделско земјиште, висока фрагментација на земјиштето, слаб систем за пренесување на знаење и наследување на земјоделството, зголемена употреба на подземни води за наводнување на земјоделските стопанства, дефицит на институционален капацитет и недоволно управување со водите. Доколку се земе предвид и влијанието на ефектите од климатските промени, при што некои области се повеќе погодени од другите, со сигурност може да заклучиме дека условите за земјоделство стануваат се потешки.
Предлог решение
Основата врз која се изработи концептот на проектот „Мали, нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување: избор на локации и изработка на целосна тендерска документација“ е базирана врз основа на проценка, направена со друг проект , пред започнувањето на овој проект. Проценката покажува дека постоечките мали локални системи (за помалку од 300 хектари), со пристојна инфраструктура за наводнување и добри оперативни процедури, одлично функционираат во однос на дистрибуцијата на вода до корисниците, а функционира и наплата на давачките за користена вода за наводнување.
Исто така, беше нагласено дека малите системите за наводнување, проектирани, изградени, управувани и одржувани од страна на локалните заедници, се поевтини за градење, можат да поттикнат економски раст во руралните заедници и да придонесат за позитивна трансформација на егзистенцијата на руралното население, за ублажување на руралната сиромаштија и за намалување на миграцијата на село-град.
Институционална поставеност
Институционалната поставеност, во моментов, ја сочинуваат неколку институции/организации, вклучени во секторот за наводнување:
- Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) има целосна одговорност во управувањето со водните ресурси, особено во надгледувањето на употребата на вода за општински и индустриски потреби и заштитата на водите (вклучително водоснабдување и отпадни води);
- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) преку својата Управа за водостопанство (УВ) ја регулира употребата на вода за земјоделство, главно за наводнување и ја претставува државната сопственост врз системите за наводнување и одводнување.
- Акционерското друштво „Водостопанство на Република Северна Македонија“ (АД за управување со води) е овластено за управување со системите за наводнување и одводнување, преку 12 експозитури. Примарните одговорности на акционерското друштво се: градба на нови системи, работа и одржување на повеќенаменски брани и резервоари (освен тие наменети за хидроенергија), канали и системи за наводнување и одводнување, дистрибуција на вода за наводнување до земјоделците и наплата на таксите за вода.