На вчерашниот, четврти состанок на проектниот Управен одбор беше одлучено да запрат сите проектни активности во Бањичко поле, со што локацијата нема да влезе во понатамошните фази на проектот.

Причина за оваа одлука е тоа што земјоделците од Бањичко Поле одбија да потпишат изјави со кои ги прифаќаат условите на проектот. Едновремено, земјоделците побараа каналите за наводнување да бидат отворени, без локално управување од страна на идното водокорисничко здружение.

Дополнително, податоците од терен покажаа дека земјоделците во Бањичко поле не плаќале за вода за наводнување во минатото, а и не се подготвени да плаќаат ниту за новиот систем, доколку се изгради.

Неисполнувањето на еден од предусловите за влез во следната фаза – недостаток на поддршка од земјоделците, е основната причина што Бањичко поле не влезе во следната фаза од проектот.

Според препораките на проектниот тим, како и според податоците од пред-фисибилити извештаите и заинтересираноста на земјоделците, локацијата Конопица ќе влезе во понатамошната проектна фаза, на место Баничко поле.