Денеска, во просториите на Министертсвото за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа промоцијата на проектот „Мали, нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување: избор на локации и изработка на целосна тендерска документација“.

На настанот, пред седумдесетина гости се обратија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-нот Љупчо Николовски, и раководителката на Одделот за оперативни работи на Делегацијата на ЕУ во Скопје, г-ѓата Вирве Вимпари. Проектот пред присутните го претстави Татјана Тодороска, проектна директорка, како претставничка на конзорциумот кој го спроведува проектот, Ептиса – Поинт Про – Темелсу.

„Состојбата со системите за наводнување не е задоволителна. Во некои региони системите за наводнување се нефункционални и руинирани поради што е потребна итна рехабилитација, како и изградба на нови“ нагласи министерот Николовски.

Претставничката од ЕУ посочи дека, според Светска банка, земјоделството е еден од секторите кои се чувствителни на климатските промени и оти мора да се направи усогласување на земјоделските политики со овие промени за да се заштитат од ризици земјоделството и сточарството.  „Се очекува поради сушите, сите земјоделските региони да бидат погодени што подразбира големи загуби за земјоделците. Една од мерките е да се обезбеди пристап до наводнување на земјоделските региони кои ќе бидат најпогодени од климатските промени“ истакна г-та Вимпари.

Во рамки на проектот планирано е да се изработи проектна документација за системите за наводнување за што се обезбедени средства во висина од 1,7 милиони евра, а изградбата ќе се реализира со веќе обезбедени средства од европската програма ИПА.

Со Националната програма за земјоделство и рурален развој се планира зголемување на потенцијалот за наводнување на 250 илјади хектари во наредните 15 до 20 години. Тоа ќе се реализира преку рехабилитација на постоечките и изградба на нови системи за наводнување.