Со цел да се промовира проектот, а посебно планираните придобивки за земјоделската заедница, чие земјиште ќе добие систем за наводнување, дел од проектниот тим учествуваше на  Четвртиот конгрес за брани. Конгресот, во организација на Здружението Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ), се одржа во периодот од 28 до 30 септември 2017 година во Струга.

Пред повеќе од сто учесници на конгресот беа претставени целите, планираните проектни активности, како и очекуваните резултати: Идентификување на потенцијални локации за наводнување, испитување на истите и подготовка на пред-физибилити студии (проценка на најмалку 15-20 потенцијални локации); Подготовка на физибилити студии (најмалку 6-8 физибилити студии); Подготовка на детални технички проекти и тендерски документации за мали, нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување, наменети за земјоделците (6-8 локации); Основање на некаков вид водокориснички  здруженија (формата ќе се утврди заедно со Министерство), за секоја од локациите за инвестициски проекти за наводнување за кои се подготвуваат тендерски документи (6-8 земјоделски здруженија). Обучување и оспособување на земјоделците за да сами управуваат со малите системи за наводнување; и Развивање на Mетодологија за пресметка на тарифи за вода за наводнување со цел  постигнување на одржливост на малите системи за наводнување, управувани од корисниците на вода.