На вчерашната теренска средба во Сопот, пред дваесетина земјоделци беа презентирани предлог измените во проектот на планираниот систем за наводнување Сопот/К36. Предложените измени беа направени според забелешките и барањата на земјоделците на претходната средба, одржана на 6 декември 2018.

Првичниот предлог проект предвидуваше користење пумпна станица за наводнување на повисоко земјоделско земјиште, што ги загрижи земјоделците, заради зголемените трошоци за електрична енергија. Новиот, изменет проект, предвидува проток на водата без користење пумпна станица.

Новиот систем ќе биде поголем и ќе покрива поголема земјоделска површина, се до месноста викана Лазарица, со вкупна површина од 290 хектари, односно 30 хектари повеќе од првичното решение. Предложениот систем без пумпна станица исто така значително ќе ги намали и трошоците за одржување. Со ваквото решение околу 9 отсто од вкупната наводнувана површина ќе има помал притисок, што може да обезбеди наводнување на повисоките места, но ќе биде потребно малку подолго време за наводнување во корист на нискиот трошок и зачувувањето на животната средина.