Проектниот тим имаше можност да се сретне и разговара со земјоделците од селата Сопот и Марена во општина Кавадарци, потенцијални корисници на системот за наводнување К-36 Сопот. Се планира системот, лоциран во тиквешкиот регион, да наводнува 290 хектари обработливо земјиште, поделено меѓу двете села. Средбите со земјоделците се одржаа на 11 и на 20 јуни 2019.

Консултации беа организирани со цел да се продискутираат дистрибутивните линии на системот за наводнување. Проектниот тим, врз основа на детален преглед на мапите, укажа на одредени проблеми поврзани со трасирањето на цевководите во областа на Лазарица. За да се избегнат „проблематичните“ ситуации во текот на изградбата, проектниот тим ги покани заинтересираните земјоделци заедно да разговараат за трасирањето и да одлучат кој пристап ќе биде најдобро решение. Сопственоста на парцелите е мешана, државна и приватна сопственост. Дизајнот на системот предлага секундарна мрежа да ги следи катастарските патеки како најоптимално решение, од техничка страна. Земјоделците се согласија дека проектирањето на системот треба да следи катастарски патеки, а „проблематичните“ парцели ќе бидат дискутирани на лице место кога ќе се изготви главниот дизајн.

Земјоделците исто така изразија интерес за зголемување на површината за наводнување и доколку постои можност, наводнуваната област да се прошири до најмногу 330 хектари.

Со земјоделците се разговараше и за потпишувањето на изјавите за согласност, за кои сеуште не е постигнат бараниот процент од 51 отсто, како предуслов за започнување на подготвувањето проектна документација. Им беше предочено дека тоа мора да се случи до крајниот рок за потпишување, 1 јули 2019 година.