Проектниот тим ги презентираше студиите за изводливост за локациите Конопница и Пишица пред членовите на Управниот одбор (УО) на проектот, на шестиот состанок кој се одржа на 12 февруари 2020.

Студиите за изводливост за двата системи за наводнување, со релативно мала површина од 30 хектари во Пишица и 40 хектари во Конопница, се изработени според новиот концепт, предложен од УО на претходните состаноци.

Во Конопница површината за наводнување е намалена заради намален доток на вода од реката Конопница, затоа што водата низводно веќе се користи за пиење и наводнување. Понуденото решение е донесено преку инклузивен процес, во консултација со земјоделците, и ги задоволува параметрите за економска исплатливост.

На локацијата Пишица, на инсистирање на земјоделците, површината за наводнување е намалена од 170 на 30 хектари, за да се обезбеди наводнување на незагадена обработлива земја. Новиот систем ќе користи вода од браната Пишица која е на повисока надморска висина и водата нема допир со загадувањето.

И за двете локации беше даден детален технички преглед како и анализа на влијанието врз животната средина.

Проектниот тим го информираше УО и за тековните активности за градење капацитети на земјоделците, идни корисници на малите системи за наводнување. Во текот на јануари 2020 се одржаа шест работилници на кои 135 земјоделци добија потребни информации за  процесот за основање на земјоделска задруга преку којашто сами ќе управуваат со системот за наводнување. Проектот ќе им помогне на земјоделците во сите неопходни чекори за организирање и регистрирање на задругите: информативни состаноци, формирање работни групи, развивање бизнис план, подготовка на договори за членство, подготовка на Статут, и други придружни документи и процедури.