Во присуство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и шефот на делегацијата на Европската унија во нашата земја, Самуел Жбогар денеска започна изградбата на нискотрошковниот систем за наводнување „Славишко поле“.
„Славишко поле“ е една од осумте локации за кои проектот „Мали, нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување: избирање на локации и подготовка на целосно тендерско досие за изградба” спроведе подготвителен процес со темелна анализа на состојбите и изработка на тендерска документација и така овозможи услови за изградба на нов систем за наводнување.
Локацијата „Славишко поле“ опфаќа 200 хектари обработливо земјиште, распространето по течението на Крива река, во селата Псача, Петралица и Гиновци во општина Ранковце.
Новоизградениот систем за наводнување, инвестиција од 1.750.000 евра обезбедени од Европската унија, ќе биде во сопственост на државата, но со него сами ќе управуваат земјоделците, преку водокорисничко здружение.
Главен извор за наводнување е Крива река, на која од пред четириесетина години бил поврзан стариот, веќе руиниран систем за наводнување. Новиот нискотрошковен систем за наводнување предвидува изградба на нова зафатна структура на Крива Река што ќе обезбеди доволен притисок за хидро системот во должина од 28,1 км, од кои 6,295 км припаѓаат на главниот, а 15,55 км на секундарниот довод. Системот е проектиран така да овозможи користење на современи методи и максимална оптимизираност на потрошувачката на вода за наводнување по гравитациски пат на 2199 индивидуални земјоделски парцели, со вкупна површина од 200 хектари.
Земајќи ги предвид поволните климатски услови и плодната алувијална почва на која простира „Славишко поле“, користењето на новиот систем за наводнување дава можност за воведување нови земјоделски култури, со повисок принос: одредени сорти на овоштарници, како што се круша, слива, цреша или орев. Наводнувањето исто така ќе овозможи повисоки приноси на растителните култури: домати, пиперки, поголеми површини со грав и особено ефикасно производство на компири. Едновремено, наводнувањето овозможува и воведување на втора култура со што искористувањето на обработливото земјиште ќе се зголеми за 14 отсто, а со тоа ќе се зголеми и финансиската корист.
Според деталните анализи и процените кои ги направи проектот, земјоделското производство и приходот во „Славишко поле“ со новиот систем за наводнување и со воведување нови земјоделски култури може да порасне за 79 отсто, споредено со сегашната состојба.
250 земјоделци и нивните семејства ќе можат да се префрлат на органски или интегрирани методи на производство што станува не само современ тренд, туку и потреба.
Изградбата на мал нискотрошковен систем за наводнување во „Славишко поле“ ќе придонесе во социоекономската благосостојба во регионот, во намалувањето на сиромаштијата, во зголемувањето локални вработувања, во подобрувањето на квалитетот и сигурноста на храната, во зачувувањето на животната средина, во зголемувањето на приходите на домаќинствата и подобрувањето на одржливоста на употребата на земјоделското земјиште.
Проектот „Мали, нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување: избирање на локации и подготовка на целосно тендерско досие за изградба” на Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од Европската унија го реализираше ЕПТИСА во конзорциум со Поинт-Про и Темелсу.