Земјоделците во земјава кои немаат пристап до наводнување се соочуваат со многу проблеми. Примарната и секундарната мрежа наменета за наводнување на нивите е стара, има потреба од обновување, целосно е уништена или пак не постои. Затоа, земјоделците се препуштени да најдат сопствени решенија, со ископување бунари, обезбедување цевки и инсталирање пумпи. Тоа ги зголемува нивните трошоци и влијае на заработката што можат да ја постигнат. Добивката и онака не е значителна, бидејќи земјоделците обично имаат помалку од 1 хектар земја. Исто така, постојат области каде што водата воопшто не може да се донесе до нивите. Тамошните земјоделци го напуштаат земјоделието, или пак одгледуваат растителни култури кои не бараат вода.

Оваа состојба не влијае само врз земјоделците, туку има негативно влијание и врз севкупниот економски развој, како и врз одржливоста на руралните области. Едновремено, не придонесува ниту во борбата против сиромаштијата и внатрешната миграција кон градовите, како и миграцијата надвор од земјата во потрага на решенија за егзистенцијалните потреби на земјоделците и нивните семејства.

Моменталната состојба со системите за наводнување во земјава е следна:

  • Занемарено одржување;
  • Големи загуби на вода;
  • Намалена употреба на системите за наводнување, главно како резултат на влошената инфраструктура, која во неколку екстремни случаи е целосно уништена;
  • Високи трошоци;
  • Преориентација на земјоделците кон култури кои немаат потреба од многу вода, но исто така не создаваат големи финансиски приходи;
  • Влијанието на климатските промени е сè повидливо, па земјоделците, за наводнување, не можат да се потпрат на природните врнежи онолку како што тоа било порано.

Европската унија, заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, го започна овој проект со цел да ги поддржи земјоделците кои имаат мали површини земја, затоа што врз нив најмногу влијае недостатокот на системи за наводнување. Локациите се избрани имајќи ја во предвид рамномерната регионална застапеност, најголемите придобивки за локалните заедници, како и други дефинирани критериуми. Преку изработката на основните проекти  , вклучително и тендерска документација за обновување или изградба на нови системи, ќе се извршат потребните подготвителни работи за изградба на тие системи. Обновувањето или изградбата на новите системи ќе се реализира преку нови проекти, финансирани од Европската Унија преку инструментот ИПА или преку националниот буџет преку Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство. Ова ќе придонесе за одржлив и инклузивен економски, социјален и територијален развој на земјава.