Од вкупно 201 потенцијална локација, во првичната, скрининг фаза на проектот, низ детален и сеопфатен процес на селекција, експертскиот тим направи избор на дваесет локации со висок потенцијал за изградба на мали системи за наводнување.

Првичната листа од 201 локација, распределени на целата територија на земјава,  беше изработена според сеопфатни податоци добиени од најразлични официјални извори: Планот за активности 2015 – 2025 на Управата за водостопанство, при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Студија на брани за мали резервоари од 1984 година на МЗШВ, студии за изводливост за локации за наводнување од 2017 година, податоци од општински планови, интервјуа со претставници од надлежни институции во секторот за управување со водите, интервјуа со претставници од општините, како и посети на терен. Повеќе за потенцијалните локации може да прочитате на следниов линк.

Од вкупниот број локации, во следниот чекор, преку понатамошен поригорозен сет критериуми, во фаза на пред-селекција, беа избрани 85 потенцијални локации. При изборот на овие локации беше земено предвид: потенцијалните подрачја за наводнување да се помали од 300 хектари распространети во едно или повеќе села, но сите во една општина; системот за наводнување да не е дел од голем хидро – мелиоративен систем; на избраната локација да има доволно голема критична маса земјоделци (над 50 отсто) кои можат да преземат одговорност за управување со системот за наводнување; социо-екомонските фактори: бројот на земјоделци, приходи по хектар, стапките на невработеност и миграција, како и рамномерната распределба на локациите на целата територија на земјава.

Процесот на пред-селекција продолжи со дваесет и четири технички посети на терен и повеќе од дваесет средби и состаноци со земјоделците од различни локации. Преку собраните податоци од терен, беше направен конечниот избор на дваесет локации со потенцијал за изградба на мали нискотрошковни системи за наводнување: Зајас и Колибари (Југозападен регион), Славишко поле, Довезенце – Јанче – Клечовце и Конопица (Североисточен регион), браните Мавровица и Пишица (Источен регион), браните Селемли, Чаушица, Конче 1 и 3, како и Градиште, Дражево и Василево-Добрејци (Југоисточен регион), К36 и Дабничка река (Вардарски регион), Суводолско, Габалавци и Десово (пелагониски регион), Теарце и Бањичко поле (Полошки регион).

За овие  локации проектот ќе подготви пред-визибилити студии, врз основа на кои ќе бидат избрани конечните 6-8 локации, за кои проектот, во понатамошната реализација, ќе изготви Студии за изводливост, основни проекти и целосна тендерска документација за идни инвестиции во мали локални системи за наводнување.